Влијанието на дигиталната технологија врз социо-емоционалниот развој на децата и младите 

Саздева,М., 2024, Влијанието на дигиталната технологија врз социо-емоционалниот развој на децата и младите 

Abstract

Изминатите неколку децении човештвото трпи огромни промени. Не се менува само нашето опкружување, туку и начинот на кој функционираме, размислуваме, работиме, учиме. Целосно се менуваат стилот и темпото на живот, нашите навики, мозокот. Сè позабрзаниот развој на технологијата остава неминовна трага не само на сегашноста, туку и на иднината и бара одговори на многу прашања, меѓу кои: Дали сме пораснати за промените што ги создаваме како човештво? Како овој вртоглаво˗ брз технолошки развој ќе се рефлектира на нас, на нашето телесно и душевно здравје, на нашата биологија и психологија и пред сè на нашите деца и млади кои се иднината на сè?
Бројот на деца и млади кои имаат социјални и емоционални потешкотии константно расте. Дали и колкава е поврзаноста помеѓу актуелната дигитализација и нивните социо-емоционални проблеми и проблеми во однесувањето кои се ризик за појава на сериозни пореметувања во нивниот понатамошен живот, науката треба што поскоро да открие, а ова истражување има за цел да помогне во тоа.
Досегашните истражувања покажуваат дека социо-емоционалните проблеми и проблемите во однесувањето имаат тенденција да растат доколку не се спроведе некаква интервенција. Токму затоа, важно е да се напомене дека проблематичните однесувања и настани во подоцнежните години не се случуваат неочекувано или изненадно. Социо-емоционалните и бихевиоралните потешкотии имаат свое потекло уште од детството и во тие години веќе проблемот треба да е детектиран и да постои интервенција. Оттука е нужно да истражиме и разбереме кои се можните интервенции за поддршка на социјалниот и емоционалниот развој на децата и младите во дигиталната ера и која е наша неминовност.