Социјалните медиуми, сексуализацијата на телото и полот како предиктори на телесната слика кај адолесцентите

Бебекоска,М., 2025, Социјалните медиуми, сексуализацијата на телото и полот како
предиктори на телесната слика кај адолесцентите

Abstract

Во последните години, социјалните медиуми се наметнаа како доминантен канал на
комуникација и самоизразување кај младите, но истовремено претставуваат значаен ризик
фактор за нарушување на телесната слика и психолошката благосостојба на адолесцентите.
Овој труд има за цел да го истражи предиктивниот однос на социјалните медиуми,
сексуализацијата и полот врз формирањето на телесната слика кај адолесцентите. Преку
теоретски преглед и анализа на релевантни меѓународни истражувања, се разгледува
начинот на кој интензитетот и содржината на користење на социјалните мрежи,
изложеноста на сексуализирани медиумски пораки и споредбата со идеализирани
стандарди за убавина влијаат врз перцепцијата и задоволството од сопствениот изглед.
Прегледот на истражувањата укажува дека поголемата изложеност на медиумски и
онлајн содржини кои промовираат тесно дефинирани стандарди за физички изглед е
поврзана со повисоки нивоа на незадоволство од телото и пониска самодоверба кај младите.
Дополнително, резултатите покажуваат дека полот претставува значаен модерирачки
фактор, поточно девојките почесто ги интернализираат овие стандарди и покажуваат
поголема чувствителност кон телесните и емоционалните последици од ваквите влијанија.
Овие наоди ја нагласуваат потребата од развивање на образовни и превентивни
програми кои ќе поттикнуваат медиумска писменост, родова еднаквост и психолошка
отпорност кај адолесцентите, со цел унапредување на нивната ментална и емоционална
благосостојба.
Клучни зборови: социјални медиуми, сексуализација, пол, телесна слика, адолесценти,
психолошко здравје