Малолетничка деликвенција и ресоцијализација: Компаративна анализа помеѓу РС Македонија и Норвешка

Апостолова,Н., 2025, Малолетничка деликвенција и ресоцијализација: Компаративна анализа помеѓу РС Македонија и Норвешка

Abstract

Малолетничката деликвенција претставува сложен и мултидимензионален социјален феномен кој има длабоки импликации врз развојот на младата популација, функционирањето на институциите и стабилноста на заедницата. Иако постои во сите општества и низ сите историски епохи, нејзината природа и интензитет зависат од социјалните, економските, културните и институционалните контексти. Овој труд се фокусира на споредбена анализа на моделите за ресоцијализација на малолетни деликвенти во Македонија и Норвешка, со цел да се идентификуваат клучните сличности и разлики, како и да се предложат препораки за подобрување на македонскиот систем.
Истражувањето се темели на теоретска рамка која ги вклучува психолошките, социолошките и криминолошките теории за малолетничко однесување, како и на современите концепти на ресторативна правда и интеграција во заедницата. Методолошки, применети се анализа на документи, преглед на релевантна литература, компаративен метод и полуструктурирани интервјуа со стручни лица. Преку овој пристап се обезбедува систематско согледување на законската рамка, институционалните механизми и практичните програми во двете земји.
Наодите укажуваат дека Македонија се соочува со сериозни предизвици во областа на ресоцијализацијата: ограничени институционални капацитети, недостиг од финансиски средства, формализирана а не интегрирана меѓуинституционална соработка, како и висок степен на рецидивизам кај малолетниците. Норвешка, напротив, претставува успешен пример на систем кој го става младото лице во центарот на третманот, обезбедува индивидуализирани планови, активно ја вклучува семејната и локалната заедница и инвестира во превентивни програми уште во најраната возраст.
Преку компарацијата, трудот покажува дека клучната разлика меѓу двата модели лежи во филозофијата на пристапот: додека Македонија сè уште ја базира својата практика на казнено-корективни методи, Норвешка се потпира на психо-социјални и педагошки интервенции кои резултираат со значително пониска стапка на повторно сторување на кривични дела. Практичната вредност на ова истражување се огледа во можноста да се идентификуваат добри практики кои можат да се адаптираат во македонски услови, како што се воспоставувањето на специјализирани отворени центри за млади, воведување задолжителна семејна терапија, јакнење на улогата на училиштата и невладиниот сектор, како и примена на мерки за ресторативна правда. Научниот придонес на трудот се состои во обезбедување на систематски компаративен преглед кој може да послужи како основа за идни истражувања и политики во областа на малолетничката правда.
Заклучокот е дека Македонија има потреба од стратегиско преориентирање на својот систем за ресоцијализација – од доминација на казнените мерки кон создавање на инклузивен, хуман и ефикасен систем кој ќе овозможи вистинска интеграција на младите во општеството. Само преку такви пристапи е можно да се намали малолетничката деликвенција, да се унапреди безбедноста на заедницата и да се обезбеди одржлив социјален развој.