Човекови ресурси и инклузивност: управување со различностите на работното место

Иванова,В., 2025,Човекови ресурси и инклузивност: управување со различностите на работното место

Abstract

Оваа магистерска теза ја истражува улогата на менаџментот на човекови ресурси во управувањето со различностите во современите организации. Различноста на работното место претставува еден од клучните двигатели на организациската ефективност, иновативноста и одржливиот развој. Под поимот „различност“ се подразбира збир на индивидуални и групни разлики меѓу вработените, како што се: пол, возраст, националност, културна припадност, образование, професионално искуство и стил на работа.
Главната цел на истражувањето е да се анализира начинот на кој организациите ги менаџираат овие разлики и како стратегиите на човекови ресурси придонесуваат кон создавање инклузивна и продуктивна организациска култура. Истражувањето користи квалитативна методологија, заснована на полуструктуирани интервјуа со претставници од одделите за човекови ресурси во три различни организации. Собраните податоци се обработени со тематска анализа.
Резултатите покажуваат дека управувањето со различностите е интегративен процес кој влијае на сите нивоа на организацијата, од стратегиско планирање и комуникација, до лидерство и организациска култура. Во првата организација различноста најмногу се манифестира преку родова и генерациска застапеност; во втората преку културна и географска разновидност; а во третата преку професионални и генерациски разлики, карактеристични за технолошки орентирани тимови.
Споредбената анализа потврди дека ефективното управување со различностите ја зголемува креативноста, соработката и задоволството на вработените, додека организациите кои активно промовираат инклузивност постигнуваат повисоко ниво на доверба, мотивација и организациска кохезија.
Резултатите ја поддржуваат главната хипотеза дека различноста претставува стратешка предност, која, кога е правилно менаџирана, ја зголемува способноста на организацијата за адаптација, иновација и долгорочна конкурентност. Тезата препорачува развој на инклузивно лидерство, континуирана обука за културна свест и институционализирање на добрите практики за различност и инклузија.
Ова истражување придонесува кон подлабоко разбирање на управувањето со различностите во мултикултурен и глобализиран контекст и нуди практични насоки за организации кои сакаат да создадат поправедни, покреативни и поефективни работни средини.